Во Крива Паланка нема да има организиран дочек на Нова година, туку повеќе различни забави на плоштадот до 31 декември. Годинава не е украсен само плоштадот како лани, украси има и на влезот и излезот на градот, на главната улица и плоштадот и во паркот, велат од Општината.
„Оваа година одлучивме да го накитиме целиот град, не само плоштадот. Дел од украсите се веќе постоечки, а купивме и нови. Има куќички, за чие изнајмување е објавен оглас. Деновиве ќе почне и новогодишниот базар. Две години градот го украсувавме со донации, а оваа година, само со средства од Општината. Издвоивме милион и пол денари, односно околу 25.000 евра од буџетот на Општината“, вели градоначалникот Сашо Митовски.
За забавите на плоштадот, Митовски најави дека акцентот ќе се стави на забавите за деца, а дополнително ќе се објави кој ќе настапува пред Нова година.