Неколку горили од сафари паркот во Сан Диего (Калифорнија) имале позитивен тест на коронавирус, при што некои развиле и симптоми и се верува дека ова се први случаи на зараза кај примати во заробеништво.
„Веруваме дека осум горили кои живеат заедно имаат вирус, а некои од нив и кашлаат“, изјави извршната директорка на паркот Лиса Питерсон, а случајот го потврди и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.
Се верува дека заразата дошла од вработен во паркот, кој имал позитивен тест, но бил без симптоми. Сафари паркот го потврдил присуството на коронавирус кај горилите преку примероци од измет. Ветеринарите ја следат состојбата на горилите, кои остануваат во карантин во нивното живеалиште.
Сѐ уште е нејасно кои животни можат да се заразат со коронавирус, но досега се потврдени случаи кај мачки, кучиња, тигри и лавови.