ПРЕМИЕРА НА „ЧОВЕК ПЕРНИЦА“ НА РЕЖИСЕРОТ СПАСИЌ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, на малата сцена во Драмски театар премиерно ќе се изведе претставата „Човек перница“ од оскаровецот Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ.

Режисерот вели дека текстот на Мекдона, како и претставата, е сурова и бескомпромисна, но од друга страна, мека и емотивна како „Човек перница“.

„Претставата е трилер со примеси на комедија. Режијата е водена многу блиску до одличниот текст на Мартин Мекдона. Кога имате добар автор и одличен текст, гледате да градите на него, а не да го уривате со вашите концепти. Затоа мој главен фокус беше актерите да ги разберат стилот на авторот, карактерите, нивните линии на развој и нивното одомување во просторот на претставата. Ова е актерска претстава, се игра на камерна сцена и контактот со публиката е непосреден“, вели Спасиќ.

Играат Зоран Љутков, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Соња Стамболџиоска, Симона Димковска, Дамјан Цветановски и децата Анастасија Аневска и Михаил Стојановски. Сценографијата е на Марко Јанев, костимите на Ирина Тошева, музиката на Дарија Андовска. На преводот на текстот работеле Горјан Милошевски и Спасиќ.

Б. НЕСТОРОСКА