ПРЕМИЕРА НА „ВДОВИЦАТА СЕ МАЖИ“ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Комедијата „Вдовицата се мажи“, работена според текстот „Мечка“ на Чехов, во режија и адаптација на Младен Крстевски, премиерно ќе се изведе вечерва во 20 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

„’Вдовицата се мажи’ е комедија на карактери, која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и со ненадејни пресврти. Претстава за едноставната комплексност на човековата природа, тенката граница меѓу омразата и страста, за човекот кој честопати знае да биде чуден, а прекрасен и туѓ на себе“, вели режисерот Крстевски.

Во претставата играат Крстевски, Марина Поп Панкова и Васил Зафирчев. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова.

„Вдовицата се мажи“ е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, напишана во 1888 година, која на комичен начин ја следи приказната за вдовицата Попова, која седум месеци жали по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. Кај неа ненадејно доаѓа Смирноф, артилериски поручник и кредитор, за да си ги бара назад парите, кои му ги должи покојниот сопруг.

Крстевски овој текст го има работено во Штипски театар во 2014 и во Ерменија во 2016 година.

П. ПЕЧКОВ