Со премиерната изведба на претставата „Како што сакате (Ноќ спроти Водици“), во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, вечерва (8 октомври) се затвора 27. издание на фестивалот Денови на комедија во Куманово. Претставата ќе се игра во Домот на културата „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.
„Како што сакате“ е современа адаптација на драмата на Вилијам Шекспир „Ноќ спроти Водици“, опишана како негова најсмешна комедија.
„Вртлог на згрешени идентитети и невозвратена љубов. Никој не е она што е и сѐ е возможно. Зошто таа замена на родови идентитети е толку смешна во театарот со векови, а толку застрашувачки сериозна, а понекогаш и брутално трагична во реалниот живот. Кај Шекспир, тоа е едноставно: машко или женско? Како што сакате“, стои во најавата на претставата.
Адаптацијата ја направи Јаниќијевиќ, а драматург е Симона Тоскиќ. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите на Лидија Георгиева, а музиката е на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски.
Играат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Анастасија Величковиќ, Александра Пешевска, Давид Илиќ и Никица Јанковски.