Вечерва во 21 часот, во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија, премиерно ќе се изведе претставата „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин.
Претставата е работена по текст на чешкиот автор Иван Вискочил, во продукција на „Артопија – Скопје“, кои беа продуценти и на претставите „Да го поздравиш и да ми го бациш“ и „Експеримент“.
„Овој проект е суптилна критика на потчинетоста на одредена група ‘привилегирани’ луѓе (службеници), чии неспособност, безгласност и понизност служат како алатка за манипулација на обичниот народ, од страна на ‘големите’ политички величини. Во оваа претстава публиката ќе го препознае нашето време“, велат од „Артопија“.
Играат: Симона Спировска-Костовска, Наташа Петровиќ, Тамара Ристоска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски и Мартин Јорданоски. Сценографијата е на Крсте С. Џидров, а костимите на Марија Пупучевска и на Бранкица Јордановска.
Билетите чинат по 300 денари, се продаваат и преку продажната мрежа на „мк тикетс“, а репризата е утре во 21 часот.