ИЛОН МАСК УСПЕШНО ЈА ЛАНСИРАШЕ НАЈМОЌНАТА РАКЕТА НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

По неколку години одложување, а потоа уште неколку во текот на денот, милијардерот Илон Маск успешно ја лансираше ракетата „фалкон хеви“, настан што беше следен од милиони луѓе низ целиот свет.

Како што соопштија од неговата компанија „Спејс Екс“, станува збор за најмоќната ракета на сите времиња, која треба да постави темели на идните комерцијални летови на Марс.

И покрај стравувањата од самиот Маск, ракетата без проблеми полета од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида во 15.30 часот по локално време, вивнувајќи се високо над Атлантскиот Океан, пред да се изгуби на небото. Три минути по лансирањето, двете помали ракети што му даваа сила на „фалкон хеви“ се одвоија и потоа успешно се спуштија на точно предвидените места на Земјата, момент што предизвика огромно воодушевување во центарот. 

Ракетата во вселената однесе примерок на црвена „тесла роудстер“, која цело време на пат кон Марс ќе емитува иста песна од Дејвид Боуви. На возачкото седиште ќе седи кукла облечена во вселенско одело и врзана со појас.