Три претстави се денеска на програмата на Млад отворен театар (МОТ).
Прво од 18 часот во Железничката зграда ќе се изведе хрватската претстава „Сѐ е во парите“ на Борис Бакал. Таа се занимава со односите помеѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од другата страна. Поле на истражување се земји како Хрватска, Италија и Словенија.
Од 20 часот, на малата сцена на Националната опера и балет е „Момчињата на Медеја“, во продукција на „Аполо 1111“ од Романија. Третата претстава „Арапска ноќ“, во режија на Зоја Бузалковска, е продукција на Прилепски театар, а ќе се игра од 22.30 часот во МКЦ. Сценографијата е на Јулијана Војкова-Најман, драматургијата на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а музиката ќе ја изведува „Фолтин“ во склоп на самата претстава.
Истоимениот драмски текст на Роланд Шимелфениг е напишан во 2001 година, поставен е во речиси сите поголеми и поважни театри и одигран на многу јазици.