ИЗВИНЕТЕ, НО НЕ СЕ ТРУДИТЕ ДОВОЛНО – МЛАДАТА АКТИВИСТКА ГРЕТА ТУНБЕРГ ГИ ИСКАРА АМЕРИКАНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Младата шведска активистка Грета Тунберг ги искара американските политичари дека не работат доволно против климатските промени. Таа зборуваше во Сенатот, кој ја покани заедно со неколкумина други млади активисти од цел свет да земат учество во дводневната дискусија за климатската криза.

„Знам дека се трудите, но не се трудите доволно силно, извинете! Не нѐ канете овдека само за да ни кажете колку сме инспиративни без нешто навистина да преземете“, изјави 16-годишната Тунберг.

Тунберг, која по соло протестите пред зградата на шведскиот парламент покрена светско движење на младите против климатските промени, ги потсети присутните дека е само ученичка, не научничка или сенаторка.

„Не нѐ величајте! Ако барате совет што треба да направите, повикајте научници. Ние сакаме науката да биде слушната“, изјави Тунберг и приложи клучен извештај за глобалното затоплување.

Таа се сретна и со поранешниот претседател Барак Обама, кој ја опиша како „еден од најголемите адвокати на планетата“.

Говорот на Тунберг, која патуваше до Њујорк 15 дена со брод, се одржа во пресрет на нови глобални протести в петок и таа вели дека се најавени 4.638 настани во 139 држави.

Јавноста во САД е поделена по прашањето на климатски промени, за кои почна многу повеќе да се дискутира во оваа претседателска кампања.

„Изборите во 2020 ќе бидат референдум за климатските промени“, вели сенаторот Ед Марки.