ПРЕТСТАВИ ОД ШВАЈЦАРИЈА, СРБИЈА И РОМАНИЈА НА 16. ФЕСТИВАЛ НА ПАНТОМИМА И ФИЗИЧКИ ТЕАТАР ПАНФИЗ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од утре до 29 април, на Малата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржува 16. издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ. Оваа година, на репертоарот се три претстави.

На отворањето ќе настапи гостинот од Швајцарија, Дамир Дантес, со 90-минутната пантомима „Страдањата на Исус“, претстава која се осврнува на најважните случувања од животот на Исус.

Втората вечер ќе може да се погледне буто перформансот „Суштество“ на младата актерка од Србија, Нада Милошевиќ.

На 29 април е романската претстава со физички театар, танц и пантомима „Hommo Love“, која како соло актер ја води Пол Цимпоеру, потпомогнат од партнерката Алина Пентак.

Фестивалот има ревијален карактер, а билетите за претставите се бесплатни.