Двајца пријатели кои одгледуваат корали и Костарика се меѓу првите добитници на наградата Earthshots, што ја востанови принцот Вилијам како своевидна Нобелова награда за екологија. Првите пет добитници беа објавени вчера и секој ќе прими по милион фунти.

Во духот на наградата, никој од присутните не допатувал со авион на церемонијата во Лондон, пластика не била користена за да се изгради бината, а гостите биле замолени да ја земат предвид животната средина при изборот на облеката. Така актерката Ема Вотсон носеше фустан направен од десет различни фустани од хуманитарната организација „Оксфам“.

Вилијам и Кејт на вчерашната церемонија во Лондон (Фото: Гети)

Секоја година во оваа деценија ќе се наградуваат по пет проекти кои даваат најдобро решение за еколошките проблеми на Земјата. Годинашните победници ги избра жирито во кое беа и Дејвид Атенборо, Кејт Бланшет и Шакира.

  • Костарика своевремено уништи голем дел од своите шуми, но во меѓувреме го удвои бројот на дрвјата и стана пример за други. Државата им плаќа на локалните жители да обновуваат природни екосистеми.
  • Индискиот град Такачар разви подвижна машина која го претвора земјоделскиот отпад во ѓубриво.
  • Проектот „Корал вита“ го почнаа двајца пријатели со цел да одгледуваат корали на Бахами. Користејќи специјални резервоари, тие развија начин за одгледување корали 50 пати побрзо отколку во природата.
  • Центрите за фрлена храна во Милано ги собираат неискористените намирници и ги даваат на оние на кои им требаат.
  • „AEM Electrolyser“ е паметен дизајн од Тајланд кој користи обновлива енергија за да произведе водород со разделување на водата на кислород и водород.