Со изложбата насловена „Комплицирај едноставно“ денеска се отвора неделата на одбележување 40 години на Скопскиот џез фестивал. Изложбата во Младински културен центар, чие официјално отворање е закажано во 19 часот, ги носи посетителите низ историјата на фестивалот од еден друг аспект: плакатите.

Препознатливи по својот минимализам, тие отсекогаш биле важен дел од визуелниот идентитет на СЏФ, а за изложбата се избрани 24 креативни решенија, за кои организаторите велат дека се најдобри во 40-годишната историја. Меѓу застапените автори се Славомир Стојановиќ-Футро, Милчо Серафимовски, Глигор Чемерски, Зоран Кардула, како и група словенечки дизајнери.

„Малку познат факт е дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број награди на светските маркетиншки фестивали. Визуелниот идентитет му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот, не само со плакатите, туку и со видеоклиповите“, велат од СЏФ.

Програмата продолжува во кино Фросина со премиерното прикажување на новиот документарен филм за Арета Френклин (20 часот).