Продажбата на нови електрични автомобили во Норвешка пораснала за 31% во минатата година среде зголемената побарувачка по моделите на „Тесла“, но се очекува оваа компанија да се соочи со сериозна конкуренција во 2020.
Целосно електрични автомобили учествувале со 42% во вкупната продажба на автомобили во Норвешка, што претставува глобален рекорд, додека во 2018 нивниот удел бил 31,2%. Пред седум години, тие биле само 5,5% од норвешкиот пазар на автомобили.
Норвешка до 2025 година планира да стане прва земја во која ќе биде забранета продажба на автомобили на фосилни горива и за таа цел има воведено низа поволности за купувачите на електрични автомобили.
„Оваа година, шест од десет продадени автомобили во Норвешка би можеле да бидат целосно електрични. Електрификацијата на пазарот на автомобили се забрзува и се предвидува дека до 2025 година електричните возила ќе имаат стопроцентен пазарен удел во Норвешка“, вели аналитичарот Харалд Мелер.