Досега невиден ракопис за продолжението на романот „Пеколен портокал“ е пронајден во архивите на писателот Ентони Бурџес.
Насловен „A Clockwork Condition“, материјалот има 200 страници и Бурџес во него дополнително ги развива темите од книгата од 1962 година. Недовршената книга е опишана како „дел автобиографија, дел филозофска рефлексија“ и Бурџес во неа се осврнува и на контроверзите што ја следеа филмската адаптација на „Пеколен портокал“ од Стенли Кјубрик, која наводно инспирирала слични криминални дела и беше забранета од локални совети во Британија. Дури по смртта на Кјубрик во 1999 година, филмот повторно почна да се прикажува во кината во Британија.
Од друга страна, „Пеколен портокал“ со Малколм Мекдауел во главна улога постигна голем успех во САД и дури беше номиниран за Оскар за најдобар филм.
Ракописот за „A Clockwork Condition“ никогаш не е објавен и беше пронајден во куќата на Бурџес во Брачано, во близина на Рим.
„Ова недовршено дело фрла ново светло на Бурџес, Кјубрик и на контроверзите што го следеа првиот роман. Бурџес се откажал од книгата кога сфатил дека е писател, а не филозоф“, изјави Ендрју Бизвел, директор на фондацијата „Ентони Бурџес“.