Научниците пронашле остатоци од растителен материјал во западниот дел на Антарктик, што се смета за нова потврда дека ледениот континент во времето на диносаурусите бил прекриен со дождовна шума. Овие остатоци се извлечени од длабочина од 30 метри под морското дно.
Во периодот на креда, кој траел до пред 90 милиони години, било толку топло што Земјата имала стакленичка клима, а Антарктик бил под вегетација.
Научниците сега утврдиле дека не само што мочуришни дождовни шуми растеле во близина на Јужниот Пол пред 90 милиони години, туку и температурите биле повисоки од очекуваните. Тие сметаат дека ова било можно само доколку во тој регион немало глечери, а нивото на јаглероден диоксид било доста повисоко од она што досега се мислело.
„Не знаевме дека стакленичката клима на креда била толку екстремна“, вели д-р Јохан Клагес од институтот „Алфред Вегенер“, еден од водачите на истражувањето.
При дупчењето на морското дно, научниците пронашле докази за 65 различни видови растенија, што открива дека пејзажот во близина на Јужниот Пол во далечно минато бил прекриен со мочуришни дождовни шуми налик на оние што денес постојат на Јужен Остров на Нов Зеланд. Староста на материјалот е проценета на 92-83 милиони години.