ПРВАТА ВЕГАНСКА МЕСАРНИЦА СЕ ОТВОРИ ВО БРИТАНИЈА И ВЕДНАШ ГИ РАСПРОДАДЕ СИТЕ ПРОИЗВОДИ

Лондон, (Ројтерс)

Првата постојана веганска месарница во Велика Британија ги распродаде сите производи истиот ден кога беше отворена, при што добила 100 онлајн нарачки во првите десет минути.

„Руди‘с веган бучер“ беше отворена во северен Лондон на Светскиот ден на веганите и иако е месарница, таа не продава месо, туку алтернативни верзии на сланина, колбаси, пилешко, мисирка и ќофтиња, направени од соја и сејтан.

Сите производи во месарницата се направени од соја и сејтан (Фото: Ројтерс)

„Луѓето разбираат што е тоа што ние го продаваме. Дизајнирано е така да имитира месо. Производите имаат вкус и текстура на месо“, вели Метју Фостер, еден од основачите на месарницата.

Побарувачката по вегански производи значително порасна во Велика Британија во изминатите години, при што се поведе жестока дебата дали рестораните и продавниците би требало да ги означуваат како „вегански бургери“ и „вегански колбаси“. Европските парламентарци минатиот месец одлучија да не ја забранат употребата на овие термини, што го бараа фармерите.