ПРВПАТ ДОСЕГА, НОРВЕЖАНИТЕ КУПИЛЕ ПОВЕЌЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ОД СТАНДАРДНИ КОЛИ

Осло, (Си-Ен-Ен)

Првпат во историјата, во Норвешка минатиот месец биле купени повеќе електрични од стандардните, бензински и дизелски автомобили и тие опфаќале 58,4% од вкупната продажба.

Норвешка е светски лидер во прифаќањето на возила со нулта емисија штетни гасови и тамошната влада постави амбициозна цел до 2025 година да престане продажбата на нови бензински и дизелски патнички автомобили и комбиња.

Во март, во земјата имало 18.375 новорегистрирани возила и 10.732 од нив биле со нулта емисија на штетни гасови, што е двојно повеќе од бројките од март 2018. Во исто време, биле купени околу 3.500 хибридни возила. „Тесла 3“ бил најпродаваниот електричен модел.

Норвешката влада воведе низа поволности за да ги охрабри луѓето да купуваат електрични автомобили, при што се ослободени од плаќањето на ДДВ од 25%.

Се проценува дека во целата 2019 година електричните автомобили ќе бидат 50% во вкупната продажба нови возила.