ПРВПАТ ИГРАВ ВО ТОЛКУ ГОЛЕМА САЛА СО ИЛЈАДНИЦИ ДЕЦА, НО ЧЕТИРИ ПАТИ ПОБЕДИВ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ШАХ ВО ПРАГА, ВЕЛИ СЕДУМГОДИШНАТА СОФИЈА БЕЛОВСКА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК(

Седумгодишната шахистка Софија Беловска освои пет од вкупно девет поени и го зазеде 21. место од 55 учеснички на Европското првенство во шах во Прага. Софија, која во ноември ќе наполни осум години, постигна најдобар резултат за македонската репрезентација во нејзината категорија. Победи во четири партии против претставнички на Шпанија, Естонија, Кипар и Чешка, ремизираше со Азербејџан и Чешка и изгуби од Романија, Холандија и Данска.

Солидни резултати остварија и другите македонски млади шахисти: Моника Жежовска, Ахмет Селим Абдурахман и Антон Златков.

„Пред да одиме во Прага, мојот наставник по шах Орце Данчевски и мајка ми и татко ми кажаа дека ова ќе биде најтешкиот турнир досега, бидејќи тоа се најдобрите мои врсници од цела Европа. Но, откако заврши првенството, тренерите кажаа дека сум го постигнала најголемиот успех за мојата држава, бидејќи во категоријата до осум години сум добила најмногу поени досега. Имав четири победи, два ремија и три порази, тоа се пет поени од вкупно 9. Завршив на 21. место од 55 деца. Ова ми е поважно и од медал, затоа што во клубот учиме да играме квалитетно. Сега видов како е и ќе се подготвам за наредниот пат“, ни рече Софија.

Софија го завршила првенството со четири победи, два ремија и три порази. (Фото: Приватна архива)

Вели дека првите две партии имала најмногу трема, зашто првпат видела толку голема сала со илјадници деца од секаде.

„Цело време мислев дека ќе изгубам и дека знам помалку, ама се борев и во првата партија со девојчето од Азербејџан извадив реми, а втората со Шпанија ја победив. Видов дека не е толку страшно“, вели Софија.

Некои мечеви траеле со часови.

„Од Романката изгубив, ама се борев три часа. Малку имав трема бидејќи партијата се пренесуваше во живо. Секогаш ќе ја паметам претпоследната партија со Кипар, бидејќи играв сконцентрирано четири часа и 10 минути и на крај победив. Кога излегов од салата не знаев дека поминало толку време и дека сите ме чекаа. Утредента имав некако енергија и победив во последната партија со девојче од Чешка“, вели младата шахистка.

Беловска вели дека најмногу работи со наставниците Орце Данчевски и Марјан Митков. Тоа се групни часови за сите деца, а цело лето се подготвувала и на приватни часови со Данчевски. Софија почнала да игра шах на шест години и вели дека го засакала сосема случајно.

„Кога мајка ми средуваше некои работи низ дома, најдов една мала табла шах и барав да ме научат, па така со татко ми почнав да играм партии и го чекав секој ден да се врати од работа за да играме. Еднаш кога бев на лекар, запознав едно дете, Лука, и тој ми кажа дека тренира во клубот Гамбит кај Орце Данчевски и така побарав и мене да ме однесат таму“, вели шахистката која учи во трето одделение во основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје.

Таа првпат се натпреваруваше на европско првенство, а претходно била на два меѓународни турнири во Бугарија и Грција.

М. ЏАРОВСКА