Важно е оние што се соочуваат со ракот на дојка да побараат помош, да зборуваат, да се спречи стравот и да знаат дека тој е излечива болест, рече сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска-Пендаровска на денешната 11. Розова прошетка – Напред розово за подигање на јавната свест дека навременото откривање на болеста е важно за излекување.
Претседателката на здружението „Борка“ Биба Додева кажа дека годишно се откриваат околу 1.200 нови случаи, а стапката на смртност е над 400.
„Најдобар рак е оној што нема да го добиеш. Здравјето е инвестиција во својата иднина. Нема здрава нација ако нема функционално општество”, рече Додева.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, чија амбасада традиционално ја поддржува оваа хуманитарна акција, рече дека ова е одлична можност да се подигне свеста дека ракот на дојка е излечив и дека е важна поддршката од семејството и заедницата.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека обезбедиле прволиниска терапија за сите жени што се лекуваат, второлиниска за 15 и градник за оние кои се оперирани. Тој рече дека во тек е набавка на осум нови мамографи и дека ги поправиле постоечките, поради што имало одредени застои во дијагностиката.
Е. БОЧВАРОСКА