РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ ЗА РУСЈАКОВ И РОМАНОТ „ХОТЕЛ МЕЃУ ДВЕ ВОЈНИ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Александар Русјаков го прими Рациновото признание на вчерашното отворање на 59. Рацинови средби во Велес за неговиот роман „Хотел меѓу две војни“. Тој ја доби ова награда во конкуренција на 22 дела.

Жирито го протолкува делото како експериментален хибрид од љубовен, псевдоисториски и фантастичен роман, во кој главни протагонисти се балканските Ромео и Јулија, Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте во главниот дел и Елени Каринте и Никифор Гермијан во паралелниот дел од приказната.

„Голема чест е што ја добивам оваа награда. Претходно за оваа книга го добив признанието Пегаз за необјавен роман. Ова е роман за животот после смртта, тоа е хотел со поглед на Македонија“, кажа Русјаков.

Авторот ја посвети наградата на неговата покојна мајка, која го родила токму во градот на Рацин, Велес. Книгата е издадена од „Арс ламина“.

Добитник на почесното Рациново признание е српскиот лингвист и универзитетски професор Жарко Бошњаковиќ од Нови Сад.

П. ПЕЧКОВ