РЕДОК СКЕЛЕТ НА КИТ СТАР ИЛЈАДНИЦИ ГОДИНИ ОТКРИЕН ВО ТАЈЛАНД

Бангкок, (Би-Би-Си)

Речиси совршено зачуван скелет на кит стар меѓу 3.000 и 5.000 години е откриен во Тајланд. Коските се пронајдени 12 километри западно од главниот град Бангкок.

Скелетот е долг 12 метри и експертите веруваат дека би можел да биде прозорец во минатото и да помогне во истражувањата за нивото на морето и биодиверзитетот.

„Делумно фосилизирани коски се ретко откритие. Во Азија ги има само неколку и мал дел од нив се во вака добра состојба“, изјави Маркус Чуа од Националниот универзитет на Сингапур.

Фотографиите што ги објави тајландскиот министер за животна средина покажуваат дека коските се речиси целосно недопрени.

„Досега се откриени повеќе од 80% од скелетот, вклучувајќи пршлени, ребра и перки. Само главата е долга речиси три метри“, изјави министерот Варавут Силпа-арча.

Точната старост на коските ќе се утврди со јаглеродна анализа следниот месец.