РУСИЈА ЛАНСИРАШЕ МОЌЕН ТЕЛЕСКОП ШТО ЌЕ ГО СКЕНИРА КОСМОСОТ ДО ДЕТАЛИ

Москва, (Би-Би-Си)

Една од најзначајните руски научни вселенски мисии во постсоветската ера денеска беше лансирана од Бајконур.

Телескопот Спектр-РГ е заеднички проект со Германија и тој ќе прави мапирање со рендгенски зраци на целото небо до досега невидени детали. Истражувачите велат дека овие информации ќе им помогнат да откријат огромни структури во универзумот, да добијат нов увид во забрзаното ширење на космосот и да идентифицираат огромен број нови извори на рендгенско зрачење, како што се црни дупки. Се очекува Спектр-РГ да детектира три милиони супермасивни црни дупки додека е во функција.

Леталото ќе патува неколку недели до својата дестинација, „Lagrange Point 2“, популарна позиција за набљудување, оддалечена 1,5 милиони километри од Земјата.

За период од шест месеци, телескопот ќе го направи првото целосно скенирање, што потоа постојано ќе се повторува за да се усовршат деталите.

Главната цел на Спектр-РГ ќе биде да се истражат мистериозните космички компоненти познати како темна материја и темна енергија. Тие сочинуваат 96% од енергетската густина на универзумот, но ништо друго не се знае за нив.