РУСИТЕ ПО ПОВЕЌЕ ОД 60 ГОДИНИ ОСТАНУВААТ БЕЗ „ПЕПСИ“

Њујорк, (АП)

Легендарните западни брендови „Мекдоналдс“, „Кока-кола“, „ПепсиКо“ и „Старбакс“ еден по друг објавија дека привремено запираат со своите операции и продажби во Русија како одговор на нејзината инвазија на Украина, која утре влегува во третата недела.

„Пепси“ ги продаваше своите производи во Русија повеќе од шест децении, а „Мекдоналдс“ го отвори првиот ресторан на плоштадот Пушкин во Москва во јануари 1990, неколку месеци пред распадот на Советскиот Сојуз.

„Како што знаете, ние опериравме во Русија повеќе од 60 години. ‘Пепси-кола‘ влезе на рускиот пазар на врвот на Студената војна и помогна да се поврзат САД и Советски Сојуз. Сепак, имајќи ги предвид ужасните настани во Украина, привремено ја запираме продажбата на ‘пепси-кола‘, ‘7ап‘ и ‘миринда‘ во Русија“, соопшти „ПепсиКо“.

Во изминатите денови, овие четири компании беа силно критикувани што продолжија да работат на рускиот пазар, додека бројни познати компании и брендови се повлекоа во знак на солидарност со Украина.

„Мекдоналдс“ има 847 ресторани во Русија, а „Старбакс“ околу 100 кафулиња.

„Кока-кола“ и „ПепсиКо“ кажаа дека ги суспендираат продажбата на своите популарни газирани пијалаци и промотивните активности во Русија, но „ПепсиКо“ нема да ги повлече своите дневни суштински производи, како млеко и бебешка храна.