Познатата руска пијанистка Виолета Егорова вечерва во 21 часот ќе одржи концерт на фестивалот Охридско лето, во црквата „Света Софија“.
Егорова ќе изведе дела од композиторите Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Фредерик Шопен, Николај Медтнер и Александер Скрјабин.
Родена во Краснобар, Егорова почнала да свири пијано на четиригодишна возраст, дебитирајќи со целовечерен рецитал кога имала 12. Образованието го почнува во Централното училиште за талентирани деца во Москва, а продолжува на Московскиот конзерваториум „П.И.Чајковски“ под менторство на прочуениот Лев Наумов. Додека сѐ уште била студент, нејзиниот талент го препознава Руско-американската корпорација „Уметност и електроника“ и ѝ овозможува да сними цеде со дела од Моцарт и Прокофјев одбележувајќи ги годишнините од раѓањето на овие композитори.
Егорова е лауреат на повеќе интернационални натпревари. Често како солист настапува со реномирани оркестри. Предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија, каде е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995.