САМО ЦРНА ГОРА И ФАРСКИ ОСТРОВИ СЕ ИСЧИСТЕНИ ОД КОРОНАВИРУСОТ ВО ЕВРОПА

Подгорица, (АП)

Словенија прва во Европа прогласи крај на епидемијата, а Црна Гора вчера стана прва европска држава без активен случај на коронавирус.

„Ова е заеднички успех на здравствените власти и на граѓаните на Црна Гора“, изјави министерот за здравство Кенан Храповиќ.

Црна Гора беше последната европска држава во која што беше регистриран коронавирус, на 17 март, но властите уште пред тоа почнаа да воведуваат рестриктивни мерки. Во земјата веќе 20 дена нема позитивен тест.

„Ако до 2 јуни нема нови случаи на коронавирус, ќе прогласиме крај на епидемијата. Но, вирусот нема да исчезне тукутака и постои можност и натаму да е присутен“, кажа директорот на Институтот за јавно здравје Бобан Мугоша.

Во земјата беа потврдени 324 случаи на коронавирус, при што девет лица починаа.

Покрај Црна Гора, само уште една територија во Европа е исчистена од коронавирусот. Фарски Острови, кои ѝ припаѓаат на Данска, имаа 187 заразени и сите оздравеле, од кои последниот на 8 мај.