Книгата раскази на Саша Станишиќ, насловена „Скиселени тикви“, ќе биде промовирана вечерва од 20 часот во Галеријата на Младински културен центар во Скопје.

Во издание на „Прозарт медија“, во книгата се содржани раскази кои поради својата невообичаена должина се опишани како куси-куси, а дејството е сместено во скопската населба Ге-Ге, која, како што се вели, досега не побудила посебен интерес кај ниеден македонски писател.

„Во минирасказите на Станишиќ животот живее книжевно! Неговата авторска перцепција е одбирна и ефикасна. Без претерувања, големи зборови, драматични теми и личности, а животна, смешна и потсмешлива, задоволство за читање“, вели еден од промотерите на книгата, проф. д-р Александар Прокопиев.