САТУРН СТАНА ПЛАНЕТА СО НАЈМНОГУ МЕСЕЧИНИ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Сатурн го помина Јупитер како планета со најмногу месечини, објавија американски истражувачи.

Со помош на телескопот „Субару“ на Хаваи, била откриена група од 20 нови месечини кои орбитираат околу Сатурн, со што нивната бројка се искачи на 82. Јупитер има 79 природни сателити.

Секој од новооткриените објекти е со дијаметар од пет километри и 17 од нив кружат во обратна, ретроградна насока. На најоддалечените ретроградни месечини им требаат повеќе од три години за едно патување околу планетата, на останатите околу две.

Јупитер од крајот на 1990-ите беше познат како планета со најмногу месечини.

Тимот што ги откри новите месечини отвори конкурс за нивно именување, и тоа мора да биде според џинови од скандинавската, келтската и инуитската митологија.