САУДИСКИТЕ КЛУБОВИ ПРАВАТ НЕВИДЕН ПОТРЕС ВО СВЕТСКИОТ ФУДБАЛ И СÈ УШТЕ НЕ ЗАВРШИЛЕ

Лондон, (Јуроњуз)

Светот сведочи на еден од најголемите потреси во историјата на фудбалот за време на летниот преоден рок. Сите зборуваат за Саудиска Арабија, која продолжува да привлекува големи имиња во својата до неодамна неатрактивна лига, нудејќи им плати од десетици милиони долари годишно.

Според еден извештај, Саудиска Арабија потрошила 6,3 милијарди долари на спортски договори од почетокот на 2021.

„Фудбалот веќе беше начин на живот во Саудиска Арабија. На тамошните стадиони имаше 70.000-80.000 гледачи и пред да почне сето ова. Сега сакаат да направат голем чекор напред во својот развој“, вели аналитичарот Мохамед Хамди.

Патот кон Блиски Исток го отвори Кристијано Роналдо со својот спектакуларен трансфер во Ал-Наср, но тогаш малкумина веруваа дека ќе го следат и други големи имиња. Роналдо наводно ја доби најголемата плата во фудбалската историја и постигна 14 гола на 16 натпревари, но Ал-Наср, сепак, заврши на второто место во лигата.

Патот кон Блиски Исток го отвори Кристијано Роналдо со својот трансфер во Ал-Наср (Фото: Гети)

Ал-Наср во меѓувреме се засили со Марцело Брозовиќ, Секо Фофана и Алекс Телес, додека во актуелниот шампион Ал-Хилал дојдоа Рубен Невес, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Калиду Кулибали и Малком, за кои беа платени отштети од 15 до 60 милиони евра. Ал-Хилал не запре тука, па му понуди рекордни 300 милиони евра на ПСЖ за Килијан Мбапе, што веројатно нема да се реализира.

Добро пазаруваше и Ал-Итихад, кој ги доведе Карим Бензема, Нголо Канте и крилото на Селтик, Жота, во Ал-Ахли се преселија Роберто Фирмино, Ријад Марез и бившиот голман на Челзи, Едуард Менди, а Џордан Хендерсон ја продолжува кариерата во Ал-Етифак, чиј нов тренер е Стивен Џерард.

Саудијците сѐ уште не завршиле за ова лето, а нова бура од трансфери се најавува во јануарскиот преоден рок. Во оваа лига од порано играат и двајца македонски репрезентативци, Александар Трајковски во Ал-Фајха и Езѓан Алиоски во Ал-Ахли.

(Фото: Гети)