СЕ ОТВОРА ПОСТАВКА НА НЕИЗЛОЖЕНИ ДЕЛА ОД ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ ВО ГАЛЕРИЈА МАТИЦА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Денес (30 мај) во 19 часот во Галеријата Матица, ќе се отвори изложба на триесетина досега неизложувани дела од  сликарот Владимир Георгиевски, кој почина во 2017. Изложбата на дела „Остуство присуство“  на дела од различни фази од неговото творештво е во чест на 82 години од неговото раѓање, а се организира во соработка со неговото семејство. Ќе трае до 24 јуни.

Георгиевски е роден 1942 во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади 25 мај). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Голем број негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Има реализирано од 1977 година (1977 Белград; Скопје, Музеј на современата уметност) до 2016 година (2016 Скопје, Музеј на град Скопје) дваесет и пет (25) самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.