По десет години, Вера Јанковиќ во саботата повторно се врати на фестивалот „Макфест“ во Штип, кој го водеше 14 години.
Вера Јанковиќ за првпат се појави на сцената на музичкиот фестивал во 2001 година, како водителка и како сценаристка. Овој пат, беше поканета како презентерка и најави еден блок на песните на 38.издание на фестивалот во домот на културата „Ацо Шопов“.
„Многу е чудно што не бев поканета на 30 годишниот јубилеј на ‘Макфест’, ни како гостин, ни никако. Изгледа дека времето било сега. Кој ме викна не е важно, но ја прифатив понудата, затоа што ова е мој терен. Јас немам никакви проблеми со водители, ни со организација, ми се смениле милион комбинации, меѓутоа, почувствував потреба дека треба да се соочам со публиката.
Се пишуваа петиции Вера да се врати на ‘Макфест’ како човек што ја знае најдобро оваа материја, и си реков дека тоа е таа доза на адреналин што ми е потребна. Во полусон, реков да“, ни изјави Вера Јанковиќ во Штип. Додаде дека нејзиното појавување е добар маркетинг и за неа и за фестивалот. Кога излезе да ја поздрави публиката, таа кажа дека ѝ е мило што едно нешто не се сменило, а тоа е полната сала, и рече дека оваа сцена знае и оваа сцена враќа.
“Кога се појавив за првпат на оваа сцена во 2001 година, не ја знаев фестивалската материја, но многу е лесно кога ќе ти дадат пластелин да обликуваш. Си дадов себеси еден печат, еден идентотет на нешто што е различно. Стојан Троицки, поранешниот директор на фестивалот е мојот учител и секогаш ми кажуваше да гледам ‘Сан Ремо’ за да видам како изгледа еден фестивал, како се обликува“, рече Вера Јанковиќ.
Таа додава оти како водител ја смениле откако била сменета целата фестивалска гарнитура.
„Го сменија и Троицки како директор, и Кристијан Габровскикој беше долгогодишен уметнички директор, и се наметна некој терк. Секаде има политика, а јас сум аполитична. Ќе повторам дека немам никаков проблем со сегашните водители ниту со тимот кој организира, но немам проблем ни да се појавам таму каде што ми е папочната врвца. На оваа сцена сум една и единствена и никој не може да ми го одземе тоа“, ни кажа Јанковиќ.
М. ЏАРОВСКА