СЕ ВРАЌАМ НА СЦЕНАТА, СЕДУМ ГОДИНИ НЕ ПЕЕВ ОД ТАГА, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА ЕЛЕНА РИСТЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По седум години пауза, Елена Ристеска лани се врати на музичката сцена со настапи и концерти. Отсега, поп пејачката поинтензивно ќе пее, а вечерва пред полноќ ќе одржи концерт во скопскиот ноќен клуб „Пјур“, во чест на татко ѝ, кој пред седум години почина од рак.

Ристеска, која сега има свој бренд за козметика, вели дека паузата од музиката ја направила најмногу поради здравствени причини.

„Последниве седум години, пред разводот, а особено откако е починат татко ми, ми се случи голем дисбаланс во организмот. Долго време имав проблеми со здравјето и додека повеќето мислеа дека седам дома и ништо не правам, јас пробував да го решам здравствениот проблем. Не бев со волја ниту да работам на нова музика, ниту можев да пеам, меѓутоа сето тоа е сега зад мене. Сега сум подготвена за работа и полна со ентузијазам, а најважно, здрава сум. Не сте свесни колку е важно кого пуштате во животот околу себе, сѐ додека не сфатите дека негативните луѓе и енергии се најважен фактор за вашето здравје и за непречена среќа во животот“, ни изјави пејачката.

Изминативе неколку месеци, Ристеска имаше неколку успешни настапи и вели дека тоа ја вратило во полн елан да продолжи со истото темпо во зимската сезона на настапи. Беше гостинка на концертите на групата „Регина“ во Сараево и Бања Лука со Сараевската филхармонија, а потоа беше во Милано и работеше со италијанските диџеи Спарадајз и Алесандро Ло Нигро на нова песна за странските пазари.

Вечерва ќе пеам во чест на татко ми кој почина пред седум години на 29 септември, вели Ристеска (Фото: Фејсбук)

„Италијанските музичари, заедно со нашиот Лазар Цветкоски како текстописец, се автори на песната ‘Тешко е да си вљубен‘ (Hard to Be in Love), што ја објавив околу Нова година и која одлично помина и се слуша во Италија. До крајот на оваа година имам закажано доста настапи и со отворањето на зимските дискотеки има голем интерес за моите настапи. Во Скопје ретко пеам, па после еден настап кој пројде одлично, овој вечерва е втор пред скопската публика по толку години. Повеќето настапи во Скопје низ годиниве ги одбивав дури и кога се работеше за големи пари“, кажа пејачката.

Елена вели дека е среќна што периодов има покрај себе вистински луѓе, добри соработници, пријатели и љубов.

„За приватниот живот сум многу оскудна со зборови. Што и да изјавам, кога ќе го коментираат и репостираат ќе биде со испревртено значење. Најважно е човек да е среќен и подалеку од лоши луѓе. Многу замав зеде злото во последниве години, па човек се плаши да сподели и добро и лошо. Кога ќе дојдат убавите вести, меѓу првите кои ќе дознаат сте вие. Дотогаш, нека им работи имагинацијата на луѓето, нека измислуваат, нека веруваат во сѐ што ќе прочитаат“.

Проблемите со здравјето се сега зад мене, вели Ристеска. (Фото: С. Николовски)

За Елена, која првпат се појави на талент шоуто „М2-потрага по ѕвезда“ во 2002, најубави моменти се оние со фановите, кога сите на глас ги пееле нејзините песни на концертите.

„Тажни ми беа сите концерти во 2016 кога татко ми беше болен и четири месеци во болница, а подоцна и сите седум години по неговата смрт го изгубив ентузијазмот за работа. И еве, вечерва пеам на денот кога тој почина пред седум години, на 29 септември. Ќе пеам во негова чест и мислам дека тој секогаш ми праќа некоја обврска во овие тешки денови за да не мислам на болката“.

Елена е сега фокусирана на нова музика и работи со италијански диџеи на проекти за странски пазари и со уште неколку диџеи и музичари од Македонија и Балканот. Таа ќе биде гостинка на сараевската група „Регина“ на концертот во Белград.

М. ЏАРОВСКА