СЕ ЗАТВОРА ПРЕТПОСЛЕДНАТА ВИДЕОТЕКА НА СВЕТОТ

Бенд, (АП)

„Блокбастер видео“ во Орегон ќе остане последна видеотека на светот, откако онаа во Мортли, Австралија, најави затворање на 31 март.

„Блокбастер“ своевремено беше најголемиот синџир на видеотеки на светот и на врвот на популарноста, во 2004 година имаше над 9.000 дуќани, од кои 4.500 во САД и преку 84.000 вработени. Компанијата прогласи банкрот уште во 2010 година, а до 2014 беа затворени сите продавници, со исклучок на оние што функционираа како локални бизниси. Преостанатите две видеотеки во САД, на Алјаска, беа затворени минатото лето.

Да се води вака застарена франшиза е голем предизвик, признаваат вработените во видеотеката во Бенд. Компјутерскиот систем работи на дискети, а бидејќи печатарот е расипан, членските карти се изработуваат рачно.

Сепак, продавницата и натаму работи добро, благодарение на постојаните локални муштерии, како и на туристи, кои доаѓаат сѐ од Тајван за да се фотографираат или да купат сувенири.

„Веќе порачавме маици и сувенири со натписот ‘Последниот Блокбастер на планетата‘. Она што сѐ уште нѐ води е тврдоглавоста, едноставно не сакаме да се откажеме“, вели генералната менаџерка Сенди Хардинг.