АНГЛИЧАНЕЦ СПАСИ 20.000 ВИДЕОКАСЕТИ ШТО ТРЕБАЛО ДА ЗАВРШАТ НА ДЕПОНИЈА

Ливерпул, (Би-Би-Си)

Филмски фанатик од Ливерпул спасил повеќе од 20.000 видеокасети од депонија, откако патувал речиси 500 километри до шкотскиот град Данди за да ги собере. Енди Џонсон, кој вели дека ја води последната видеотека во Велика Британија, ги добил касетите од колекционер, кој ги чувал складирани во три гаражи.

„Никогаш не сум видел нешто толку големо“, изјави 42-годишниот Џонсон.

Тој во 2018 си го исполнил сонот да отвори видеотека и вели дека реакциите се феноменални. Дури морал да ја прошири продавницата откако од целата земја почнале да му праќаат касети со филмови. Со донацијата од Данди, тој двојно ќе ја зголеми својата колекција, која сега брои 15.000 наслови.

Касетите биле складирани во три гаражи

„Бев воодушевен кога ми се јавија и ми кажаа дека можеби има 20.000 касети. Доколку не ги земев, ќе завршеа на депонија, зашто ВХС касетите не можат да се рециклираат“, кажа Џонсон.

Тој смета дека во ерата на стримувањето младите се сè позаинтересирани да ги искусат филмовите од касета.

„ВХС доживува враќање слично на винилот. Луѓето сакаат физичка врска со своите омилени филмови“, вели тој.