СЕДУМ ПРЕТСТАВИ НА ЈУБИЛЕЈНИОТ 20. ФЕСТИВАЛ НА АНТИЧКА ДРАМА СТОБИ

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Од 2 до 12 октомври, во Велес ќе се одржува Фестивалот на античка драма Стоби, за кој ова е јубилејно 20. издание. Ќе има 30 настани во 10 фестивалски вечери и седум претстави во официјалната конкуренција за награди. Учесници се театри од Грција, Бугарија, Србија, Турција, Казахстан и Македонија.

„Мотото на јубилејното издание е ‘Нови манифести’, не случајно. Целта е да се обидеме преку естетичка смисла да ги артикулираме манифестите на новото театарско време, кое денес го живееме. Овој слоган се врзува со стожерниот проект на Велешкиот театар во сезоната 2023/24, манифест кој го зазема централното место во програмските активности на театарот“, кажа Сашо Димоски, претседател на организацијата на Фестивалот.

Во конкуренција за наградите се претставите „Антигона“ на Драмски театар Плевен (Бугарија), „Fairfly“ во изведба на Галата Перформ од Истанбул (Турција), „Седмиот ден“ на Београдско народно позориште, „Моето име е Медеја“ на Народен театар Битола, „Антигона“ на Градски куклен театар за деца и младинци од Шимкент (Казахстан), „Жени во собрание“ на Театар Комедија од Скопје и „Бакхи Агава“ на МНТ, Градски театар Јанина (Грција) и Перипетија продукција.

Предвидени се и три изложби на фотографии. Во оф-програмата најавени се две театарски претстави и театарски работилници.

Фестивалот ќе се одржи во Велешки театар, бидејќи античкиот театар во локалитетот Стоби е во фаза на конзервација. Претставите на Театар Комедија и Битолски театар ќе се изведат на матичните сцени, а организаторот обезбедува превоз до Скопје и Битола.

Затворањето на фестивалот со доделувањето на наградите е на 12 октомври, со гала концерт на македонската Опера.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Сашо Димоски и градоначалникот на Велес, Марко Колев