КАКО ШТО НЕГУВАВ ПАЦИЕНТИ ЌЕ ЈА НЕГУВАМ И КАМЕНИЦА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА СТАМЕНКОВА

Македонска Каменица, (СМАРТ СДК.МК)

Македонска Каменица на локалните избори ја доби првата градоначалничка, 49-годишната Соња Стаменкова, дипломиран психолог која 30 години работи како медицинска сестра. Таа во наредните 4 години ќе ја раководи, како што самата вели, најмашката општина во Македонија, во која има вработени најмногу мажи рудари.

Стаменкова е една од 6-те жени што ја освоија градоначалничката функција на последните локални избори.

„Македонска Каменица ги сруши стереотипите во поглед на тоа дали жена може да биде градоначалничка. Во прилог на тоа оди самото прифаќање на кандидатурата подеднакво и од мажите и од жените. Оваа поддршка од мажите многу ми значи поради тоа што доаѓам од можеби најмашката општина, општина каде има најмногу вработени мажи рудари“, ни рече на почетокот на разговорот новата градоначалничка.

Таа е родена во село Саса, во работничко семејство од татко рудар и мајка домаќинка, во семејство со четири деца. Самохрана мајка е на 29-годишна ќерка, студент на психологија. Како медицинска сестра работела 19 години во јавното здравство и 11 години во приватна здравствена организација. Токму професијата е она што најмногу ќе ѝ недостасува со преземањето на градоначалничката функција, вели Стаменкова.

„Македонска Каменица ги сруши стереотипите во поглед на тоа дали жена може да биде градоначалничка. Оваа поддршка од мажите многу ми значи поради тоа што доаѓам од најмашката општина, општина каде има најмногу вработени мажи рудари“, вели Стаменкова

„Чувството дека на некого сте му потребни тогаш кога се работи за неговото здравје е нешто што досега ме исполнуваше. За овие 30 години, со повеќето од населението сум имала непосредни контакти и сум го запознала речиси секој член од заедницата делејќи со нив и добро и лошо. Уште кога се кандидирав за градоначалничка знаев дека ако победам она што ќе го работам ќе нема допирни точки со досегашната професија. Единствено исто ќе биде наместо да ги лекувам, ќе им ги решавам комуналните проблеми. Човек сум кој сака предизвици и кој лесно се приспособува на промените, па искрено се надевам дека заедно со општинската администрација во наредниот четиригодишен мандат ќе покажеме дека знаеме како Македонска Каменица да ја направиме попривлечна и понапредна, опција во која младите ќе гледаат причина да останат овде“, вели Стаменкова.

„Се надевам дека заедно со општинската администрација во наредниот четиригодишен мандат ќе покажеме дека знаеме како Македонска Каменица да ја направиме попривлечна и понапредна, опција во која младите ќе гледаат причина да останат овде“, вели Стаменкова.

Во политиката Стаменкова влегува во 2012 година, како член на СДСМ и координатор на форумот на жени на СДСМ во Македонска Каменица. На локалните избори 2013 е носител на советничката листата и во наредните 4 години член на Советот. На парламентарните избори 2014 е кандидат за пратеник. Следствено на тоа, како и поради големата поддршка од населението, доаѓа кандидатурата за градоначалничка за локалните избори оваа година.

Поддршката од ќерката Кристина, ѝ е најважна

„Имам прекрасно семејство кое ми даде несебична поддршка и пред и за време на кампањата. За тоа искрено сум им благодарна. За нив некако беше очекувана оваа кандидатура, сите заедно ја прифатија како предизвик  Со мојот тим изготвивме програма која произлезе од  реалните потреби на граѓаните, програмата се темели на три основни столба и тоа локален економски развој, кој се состои во формирање на бизнис центар во рамките на општината и заживување на локалната економска зона. Обезбедување чиста и здрава вода за пиење со доградба на колекторсиот систем и  имплементација  на програма за енергетска ефикасност. Ова се приоритетите, додека останатиот дел од програмата кој е креиран заедно со граѓаните етапно ќе се реализира во наредниот четиригодишен мандат. Активно ќе ги вклучиме младите во креирање на младинската политика, со цел овде да ја гледаат својата иднина. Секоја напредна идеја ќе биде вградена во програмата за реализација“, вели Стаменкова.

Првата градоначалничка на Македонска Каменица сака да патува, да чита и да слуша етно музика.

„Најмногу ги сакам седенките со моето пошироко семејство. Тука секогаш се разговара, се дебатира и се разменува искуство и знаење. Тоа ми дава сила да го издржам и најголемиот предизвик во животот“, додава Стаменкова.

А. АНТЕВСКА