ОТКАКО Е ПРЕТСЕДАТЕЛ, ТРАМП ОБЈАВИЛ 2.444 ТВИТОВИ И НЕМА НАМЕРА ДА ЗАПРЕ

Вашингтон, (Мешабл)

Една година откако беше избран за претседател на САД, само една работа е јасна: ништо не може да ги запре твитовите на Доналд Трамп. А, ако се погледне во архивата на Твитер, неговата навика директно да комуницира со светот станува сѐ полоша.

Од денот кога победи на изборите, па до неделата, Трамп постирал вкупно 2.444 твитови, а само од јули наваму, нивниот број изнесува 1.027.

Доналд Трамп е првиот американски претседател кој е вака активен на социјалните мрежи и со нив на големо се служеше и во текот на кампањата, неретко жестоко, грубо и вулгарно напаѓајќи ги своите политички противници. Тој продолжи со истите темпо на објавување и речник и откако влезе во Белата куќа.

Трамп неретко знае и да се посрамоти на Твитер, но ковфефе му е најголем „бисер“ досега (Фото: Твитер)

Во првите шест месеци од мандатот, тој напишал над 1.000 твитови, што е просек од 5,7 на ден. Ова е зголемување за 45% во споредба со шесте месеци пред да победи, но во последните три месеци, тој уште повеќе ја зголемил својата активност – на 9,5 твитови на ден.

Врвот го достигнал во септември, кога се огласил дури 307 пати. Годишниот просек засега му се седум твита на ден, а најмотивиран беше на 30 септември, кога имаше дури 26 објави, главно, за да се кара со градоначалникот на Сан Хуан (Порторико) по налетот на ураганот Хосе.

Откако е претседател, имало само три дена кога тој не објавил ни збор на Твитер, а најчестите теми му беа Фокс њуз (споменат 152 пати), Обамакер (132), фејк њуз (127) и Хилари Клинтон (54).