Серена Вилијамс е навикната да држи тениски трофеи во рацете, но денеска, тоа ќе биде невестински букет.
Една од најуспешните тенисерки на сите времиња ќе се венча со американскиот бизнисмен и коосновач на социјалната мрежа Редит, Алексис Оханјан, два и пол месеци откако ја добија ќеркичката Алексис Олимпија Џуниор.
Како што објавија магазинот „Пипл“ и весникот „Дејли мејл“, на свадбата во Центарот за современа уметност во Њу Орлеанс се поканети 250 гости, кои ќе ги дознаат деталите за забавата во последен момент.
Иако имало најави, на пробната вечера, што се одржала вчера, немало многу познати јавни личности.
На вечерашната свадба, што, наводно, ќе чини еден милион долари, на гостите ќе им биде забрането да носат мобилни телефони, бидејќи магазинот „Вог“ ги има откупено правата за ексклузивни фотографии.
Триесет и шестгодишната Серена и две години помладиот Оханјан го изненадија светот лани пред нова година, кога објавија дека се свршиле, но нивниот приватен живот и потоа го држеа подалку од очите на јавноста.