„Живот во кутија“ е насловот на првата книга на новинарот Томислав Кежаровски, која ќе биде промовирана вечерва во 18 часот на универзитетот ФОН.

Кежаровски беше обвинет и осуден на 4,5 години затвор за наводно обелоденување на идентитет на заштитен сведок, кој самиот на суд призна дека дал лажен исказ под притисок на полицијата. Тој помина седум месеци во притвор во „Шутка“ и 15 месеци во куќен притвор.

„Целта е таму некаде далеку, ама може да стасаме ако одиме кон неа по добро исцртани патеки. Мора да бидеме едни до други. Нема вакви и онакви, нема наши и ваши. Неправдата постои откако е создаден светот.
Тешко се победува, но тоа не значи дека треба да се откажеме од потрагата по правдата или, уште пострашно, да ги затвориме очите и да бидеме неми набљудувачи“, пишува Кежаровски во најавата за настанот.

Новинарот Синиша Станковиќ во предговорот пишува дека оваа книга не е само „дневник од зад решетки, или есеи за слободата, новинарството, професионализмот и за достоинството, или белешки за сопствените преиспитувања за смислата на етиката, моралните норми и на жртвувањето за повисоки цели, или романтизирана автобиографија, или лично сведоштво за еден срамен период од македонската историја, во која тој, ни крив ни должен, беше и паталец и жртва“.

Во поговорот, новинарот Ѕвездан Георгиевски вели:

„‘Живот во кутија’ не е само исповед, туку една соголена, потресна и напната приказна, која се чита во еден здив. Своевиден прирачник за преживување таму каде што никогаш не сте мислеле дека ќе се најдете“.

Фотографиите во книгата се на фоторепортерите Наке Батев, Томислав Георгиев и Маја Златевска.