ШАНАЈА ТВЕЈН СЕ ИЗВИНИ ШТО КАЖА ДЕКА БИ ГЛАСАЛА ЗА ТРАМП

Лондон, (Гардијан)

Канадската пејачка Шанаја Твејн се извини за „чудниот“ коментар во интервјуто за „Гардијан“, кога изјави дека доколку би можела, би гласала за Трамп. Таа на Твитер кажа дека прашањето ја затекнало неподготвена и дека жали за одговорот што го дала.

„Јас сум против дискриминација од секаков вид и се надевам дека тоа е јасно од изборите што досега сум ги направила. Јас не ги делам етичките верувања со сегашниот претседател“, изјави Твејн.

Кога кон крајот на интервјуто била запрашана за американските избори, Твејн одговори:

„Би гласала за Трамп, и покрај тоа што е нападен, затоа што изгледаше искрено“.

Откако нејзината изјава се прошири на социјалните мрежи, Твејн се извини преку серија твитови.

„Сакам да им се извинам на сите кои ги навредив. Прашањето ме фати неподготвена. Како Канаѓанка, жалам што така одговорив на ова неочекувано прашање, без да дадам повеќе објаснување за контекстот. Мојот одговор не требаше да се земе како факт кој ги претставува моите вредности, ниту тоа значи дека го поддржувам“, се правдаше Твејн.