Пред само шест месеци, Германија го доживеа еден од најпонижувачките порази во својата историја кога изгуби од Македонија во Дуизбург со 1:2. Тоа за многумина беше дополнителен доказ за кризата во германскиот фудбал и дека времето на селекторот Јоаким Лев е поминато.
На две кола до крајот на квалификациите, Германија вчера стана прва репрезентација која обезбеди пласман на Светското првенство 2022 во Катар, откако ја прегази Македонија со 4:0 во Скопје.

Ханси Флик (56) за кратко време на клупата го трансформираше тимот и го врати оптимизмот кај фановите. Со пет победи во низа и само еден примен гол, тој на Германија ѝ го донесе 20. пласман на мундијалите (Бразил е рекордер со 21).
Применувајќи го истиот тактички пристап како во Баерн, Флик ја зголеми способноста на тимот да врши притисок врз противникот, што беше видливо и на вчерашниот натпревар. Тој дури ги охрабри тренерите на бундеслигашките клубови да му предлагаат тактички идеи за националниот тим, што беше јавно потврдено од тренерот на Арминија, Франк Крамер.

Флик застана зад силно критикуваниот Тимо Вернер, кој врати со два гола во Скопје, но Каи Хаверц, Џамал Мусијала, Флоријан Вирц и Карим Адејами се играчите кои ја симболизираат иднината на репрезентацијата.