ШЕСТМИНА ОД РЕГИОНОТ СЕ НАЈДОА НА ЛИСТАТА НА „ФОРБС“ НА НАЈУСПЕШНИ МЛАДИ ЛИЧНОСТИ ВО ЕВРОПА, МЕЃУ НИВ СЕ ОПЕРСКА ПЕЈАЧКА И НБА КОШАРКАР

Белград, (Н1)

Шестмина млади од бившите ју-простори се најдоа на годинашната листа на „Форбс“, „30 под 30“, со која се издвојуваат најуспешните и највлијателни личности во Европа во неколку категории.

МИЛИЦА КРСТИЌ (СРБИЈА)

Крстиќ е психолог и психотерапевт, која откако двајца нејзини пријатели извршиле самоубиство основала платформа преку која терапевтите можат да им понудат бесплатни сесии на оние кои финансиски не можат да си ги дозволат. Платформата „Сигурен простор“ почна со работа во април 2022 и за девет месеци помош добиле 7.500 луѓе. Денес е достапна на десет јазици, а свои услуги нудат 75 психотерапевти.

ДИНА РАДЕНКОВИЌ (СРБИЈА)

Стартапот на Раденковиќ, „Гамето“, собра 40 милиони долари со цел процесот на вадење јајце-клетки да стане поевтин и побезбеден. Таа пораснала во Србија, дипломирала медицина во Лондон, а „Гамето“ го покренала во 2021, здружувајќи се со генетската лабораторија на Харвард.

НИКОЛА ЈОКИЌ (СРБИЈА)

Јокиќ дојде во НБА лигата во 2014, кога беше драфтуван од Денвер Нагетс и не само што го одведе овој клуб до првата шампионска титула, туку самиот стана една од најголемите кошаркарски ѕвезди на светот. Тој е меѓу 100-те најплатени спортисти на светот.

ЈАЊА ГАРНБРЕТ (СЛОВЕНИЈА)

Лани во Токио стана првата освојувачка на олимпиското злато во спортско качување, а во овој спорт има и шест светски титули. Спортските успеси ѝ донесоа и спонзорски договори со компании како „Адидас“ и „Ред бул“.

БЕЊАМИН КОЛЕНОВИЌ (КОСОВО)

Основач е и извршен директор на „Гроузилас“, иновативна дигитална агенција од Косово. Од основањето во 2020, фирмата остварувала просечна годишна стапка на раст од 200%.

ТАМАРА РАЃЕНОВИЌ (ЦРНА ГОРА)

Британско-црногорскиот сопран има настапено во 15 држави, дебитирајќи во Карнеги хол во Њујорк на 23 години. Беше последната ученичка на славната шпанска оперска пејачка Монсерат Кабаље, која ја избрала кога имала 19 години.