Македонската јуниорска репрезентација вечерва заминува за Колумбија, каде што од 2 до 12 декември ќе се одржува Олимпијадата по природни науки. Македонија ќе ја преставуваат Теона Ана Георгиевска и Марко Серафимовски од Скопје, Искра Нечаковска и Олег Трајковски од Битола, Михаил Шапчески од Прилеп и Даниел Христов од Штип.
Со нив заминуваат и менторите кои ги подготвуваа учениците за овој светски собир, и тоа по еден претставник на Друштвото на физичари на Македонија, Сојузот на хемичари и технолози и на Македонското биолошко друштво, кои во изминатите месеци преку разни натпревари извршија селекција на најдобрите.
„На Олимпијадата ќе учествуваат 350-400 ученици од околу 60 земји. Оваа Олимпијада е една од 13-те признати од страна на Министерството за образование и наука. Натпреварувачите ќе имаат по три теоретски тестирања и по три практични задачи. Минатата година учествувавме онлајн и постигнавме одлични резултати“, вели лидерот на тимот, проф. Боце Митревски.
Престојот во Богота почнува два дена пред стартот на Олимпијадата за да можат да се адаптираат на надморската височина од 2.640 метри.
Т. ЈОВАНОВСКИ