ШПАНИЈА ЌЕ ГО СУБВЕНЦИОНИРА КУПУВАЊЕТО НА ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА СО 800 МИЛИОНИ ЕВРА

Мадрид, (Ројтерс)

Шпанската вицепремиерка и министерка за еколошка транзиција Тереса Рибера објави дека владата со 400 милиони евра ќе го поддржи купувањето на електрични возила, а програмата би можела да порасне на 800 милиони до 2023 година.

Шпанците ќе можат да добијат државна субвенција од 7.000 евра за купување на електричен автомобил, односно 1.300 евра за електричен мотоцикл. Електричните комбиња ќе се субвенционираат со 9.000 евра.

„Електричната мобилност е голем предизвик. Целта е до 2023 година на патиштата во Шпанија да има 250.000 електрични возила, како и 100.000 станици за полнење, државни и приватни. Со електрифицирањето на мобилноста, годишно ќе се спречуваат емисии на 450.000 тони јаглероден диоксид“, изјави Рибера.

Таа додаде дека Шпанија е лидер во производството на електрични мотоцикли, а „Сеат“ и државната енергетска компанија „Ибердрола“ ќе се здружат и ќе отворат фабрика за батерии за електрични автомобили.