ШПАНСКА СПОРТИСТКА ИЗЛЕЗЕ НА ДНЕВНА СВЕТЛИНА ПО ПОМИНАТИ 500 ДЕНА ВО ПОДЗЕМНА ПЕШТЕРА

Мадрид, (Ројтерс)

Шпанската екстремна спортистка Беатрис Фламини излезе на дневна светлина по поминати 500 дена во 70 метри длабока пештера близу Гранада, период за кој немаше никаков контакт со надворешниот свет. Нејзиниот експеримент беше будно следен од научници, кои сакаа да научат повеќе за способностите на човечкиот ум и за деноноќниот ритам.

Фламини, која е елитна спортистка, планинарка и алпинистка, притоа собори светски рекорд за најдолг престој во пештера. Таа имаше 48 години кога отиде под земја и таму сама прослави два родендена.

Својот предизвик го почна на 20 ноември 2021, пред почетокот на војната во Украина, укинувањето на сите ковид мерки во Шпанија и смртта на Елизабета Втора. Таа го опиша своето искуство како извонредно и непобедливо.

Бев во тишина година и пол, со никого не зборев, освен на себеси. Ја изгубив рамнотежата, затоа мораа да ме придржуваат кога излегов. Ако ми дозволите да се истуширам, не сум допрела вода година и пол“, кратко им кажа Фламини на новинарите.

Таа вели дека вежбала за да ја одржува формата, сликала, цртала и плетела. Го документирала својот престој со две Гоупро камери, прочитала 600 книги и испила 1.000 литри вода. Група психолози, истражувачи, спелеолози и тренери цело време ја следеше нејзината физичка и ментална состојба, без да стапи во контакт со неа.