СИНХРОНИЗИРАНИ ФИЛМОВИ ЗА ДЕЦА, ИГРИ И КВИЗОВИ ДОСТАПНИ НА ПЛАТФОРМАТА КИДСКВЕР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе филмови за децата од шест до 12 години, дел синхронизирани на македонски и албански јазик, ќе можат да се гледаат на платформата Кидсквер (Kidsquare), нова услуга на македонската стриминг платформа Синесквер (Cinesquare).

Кидсквер користи гејмификација за да го направи искуството на платформата поактивно, како играње игри или квизови поврзани со филмовите за собирање поени кои корисниците понатаму ќе можат да ги употребат.

Услугата ќе биде достапна за корисниците на Синесквер со месечна претплата, без потреба од дополнително инсталирање софтвер и прилагодувања. Корисниците ќе можат да ги гледаат германскиот филм „Смрдушковци: Добредојдовте во Смрдвил“, холандските „Лето со Рана“ (фото) и „Дрвени лудории“ и финскиот „Сихја – бунтовничката самовила“.

Овој проект е соработка помеѓу домашната компанија „Катавеј“ како лидер на проектот и полската „Нове хоризонти“ и италијанската „Нексо диџитал“ како партнери, кофинансиран преку програмата „Креативна Европа“.