Денеска и утре, на неколку локации низ Скопје ќе се одржува петтото издание на скејтбординг натпреварот „Уште еден обид“ (One more try). Како што велат организаторите, станува збор за малку поразличен скејт настан, кој е единствен од ваков тип во регионот. Натпреварот е отворен за скејтери од сите возрасти.
Скејтерите ќе се натпреваруваат на различни локации. Збирното место е пред „А1 арената Борис Трајковски“, каде што ќе се одржи класичен „Cash4Tricks“ натпревар. Висината на наградата ќе зависи од сложеноста, стилот и од успешното спуштање.
Утре ќе се вози на реновираниот скејтпарк во склоп на адреналинскиот парк во Карпош. Кулминација ќе биде „BestLine“ натпревар, на кој скејтерите ќе имаат 45 секунди за да направат трикови по избор.
Настанот се одржува под покровителство на Град Скопје.