Скемп д Тремп, бушаво кутре со испакнати очи, победи на 31. избор на најгрдо куче на светот, што се одржа во калифорнискиот град Петалума.
Тоа на неговата сопственичка Ивон Моронес ѝ донесе награда од 1.500 долари и исто толку пари ќе бидат донирани на засолниште за кучиња, додека Скепм д Тремп освои трофеј со големина на ротвајлер.
„Тој веќе не е Скемп д Тремп, сега е Скемп д Чемп. Мислам дека публиката го забележа неговиот прекрасен дух и сè што тој ѝ дава на заедницата“, изјави Моронес, која го спасила кучето од улица во Комптон во 2014.
„Кога си одев накај дома, сфатив дека сум донела вистинска одлука. Бевме двајца странци во автомобил кои одат дома за да имаат нов почеток“, додаде таа.
Скемп победи 18 други кучиња на натпреварувањето, каде што тие одеа по црвен килим поставен на детско игралиште и мораа да ги импресионираат гледачите. Организаторите велат дека ова натпреварување има за цел да го сврти вниманието кон потребата да се вдомуваат кучиња.