СКОПЈАНИ ФРЛААТ ЈАМБОЛИИ, ДУШЕЦИ И КАЗАНЧИЊА ВО КАНАЛИЗАЦИЈА

Ќебиња, јамболии, душеци, градежен шут па дури и цели веце казанчиња извадиле екипите на ЈП„Водовод и канализација“ од канализацијата во Скопје. Граѓаните во шахтите фрлаат што ќе им дојде – не само отпадоци и шишиња туку и опрема од домаќинството и други цврсти предмети. Освен што ги затнуваат мрежите, екипите на претпријатието мака мачат и како што велат ова им претставува еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат.

„Имаме реален проблем со фрлање на отпадоци и цврсти предмети од страна на несовесни граѓани во нашите мрежи, а најмногу во канализационите мрежи. Интервенираме често и секојдневно се соочуваме со овој проблем. Притоа од мрежата се вадат, различни цврсти предмети, дури и цели казанчиња, ќебиња, јамболии, кожи, коски, зелки, камења, цели душеци, кабли, дрва, трупци, градежен шут и други неразградливи материјали. Сите овие работи го намалуваат капацитетот на самата мрежа, истата може да се затне и потоа да се поплави самата улица или да се случи поголема штета кај граѓаните“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Најчесто вакви случаи кај нас има во периферниот дел од Скопје, но не се ретки случаите кога ќебиња и душеци се вадат од шахтите и во центарот на градот. Најмногу работа од претпријатието со чистење на шахтите од вакви предмети имаат на пролет, кога граѓаните ја фрлаат зимницата или ги реновираат домовите, па она што не им потребно место во депонија завршува во канализацијата. Шахтите се полнат и околу новогодишните празници и тоа со коски од месо и остатоци од храна.

„Голем проблем ни создаваат и влажните марамчиња кои се фрлаат во мрежата и таквите слични материјали, бидејќи тие не се разградливи и притоа доаѓа до запушување на мрежата. Токму затоа и во самите сметки за вода, напишавме влажните марамчиња да не се фрлаат во мрежата“, додаваат од претпријатието.

Ваков проблем со неразградливо ѓубре во шахтите имаат и комуналните претпријатија на други градови.
Неодамна властите на Лондон одлучија ѓубрето да го изложат во музеј. Од тамошната канализацијата била извадена огромна топка ѓубре од дамки од масло, пелени и влажни марамчиња. Топката во вид на скулптура ќе биде изложена во Музејот во Лондон, со цел да се подигне свеста кај граѓаните за правилно одложување на отпадот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *