СКОПЈЕ ОСВЕТЛЕНО ВО СИНО ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Згради низ Скопје вечерва и утре ќе бидат осветлени во сина боја во чест на Светскиот ден на детето.

Укажувајќи на потребата од унапредување на правата на децата, сини светла вечерва добија Владата, Собранието, ТАВ Македонија со Меѓународниот аеродром Скопје, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, кулите Џевахир, Амбасадата на Италија и други.

„Осветли во сино“ е глобална иницијатива и беше најавено дека кон неа ќе се приклучат и светски знаменитости.

20 ноември се одбележува како Светски ден на детето по повод потпишувањето на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации.

Како застапник на лицата со попреченост од Македонија, 11-годишниот Јане Велковски ќе учествува на глобалниот самит на УНИЦЕФ во седиштето на ОН во Њујорк, каде што децата и младите ќе испратат повик за акција за заштита и унапредување на нивните права.