СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР ОДИ НА ФЕСТИВАЛОТ РУТА ВО САРАЕВО СО „ХЕДА ГАБЛЕР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (27 мај) во Сараево, Драмски театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов во рамките на регионалниот театарски фестивал РУТА. Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април и гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба, а прва во странство.

„Хеда Габлер“ е работена по текст на Хенрик Ибзен. Адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и Христов, кој е и сценограф. Костимите се на Розе Трајчевска-Ристоска. Улогите ги играат Сања Арсовска, Зоран Љутков, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула и Сара Климоска.

„Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература игра значајна улога во подигнувањето на свеста за женските прашања. Ибзен создаде женски лик кој одбива да живее според конвенциите на патријархалното општество“, вели режисерот.